Сиљановска-Давкова: Ова е страшно, верувам дека повеќето ќе се спасат
Сиљановска-Давкова: Ова е страшно, верувам дека повеќето ќе се спасат

Претседателката Горадана Сиљановска-Давкова ги посети трите болници во Скопје каде се сместени дел од повредените. Таа, низ солзи, изрази неверување.
„Знам дека се тоа млади и храбри луѓе, ова е страшно… Верувам дека повеќето ќе се спасат, лекарите работат, не можам да сфатам како нешто вакво може да се случи. Некои од пациентите се контактибилни. Што можам да споделам со родителите? Прво надеж, а па потоа ја разбирам болката, но млади луѓе се тоа ќе издржат… Но, не можам да поверувам како се случило ова, од пиротехнички средства… Тоа мора однапред да се предвиди бидејќи не е прв пат да се соочиме со вакво нешто“, рече Сиљановска-Давкова.
Беше прашана – имаме информации дека веќе не постои Центарот за изгореници, дали вие знаете за тоа?
„Не. Не знам, не сум лекарка. Ова што овде го видов ми изгледа многу стручно. Некои од нив и контактираа, не знам за Центарот, ќе прашам сега“, одговори шефицата на државата.
Таа рече дека веќе се јавиле од соседните земји – Србија и Бугарија и понудиле помош.
„Се јавија од Воено-медицинската академија, спремни се и да ги носат луѓето таму доколку има потреба. Лекарите велат дека денеска требало да се почека. Господинот Радев прв се јави, имаат специјална клиника за изгореници, специјална возила, крв, имаат се… Само чекаат да ги земат, таму да ги однесеме“, изјави Сиљановска-Давкова.