Синдикат: Кандидатот на Османи за конзул во Њујорк, не ги исполнува условите
Синдикат: Кандидатот на Османи за конзул во Њујорк, не ги исполнува условите

Елена Брајковска, членот на тимот што го обезбедува премиерот Димитар Ковачевски, е назначена за генерален конзул на Македонија во Мелбурн, Австралија. Нејзиното име беше споменато на седницата на Владата, која беше од затворен карактер. Бидејќи се работи за класифицирани информации, од Владата не потврдија дали за конзул е назначена Елена Брајковска, вработена во безбедносниот тим на премиерот, со овластување на секретарка. Од Владата кусо соопштија дека на отворената седница немало ваква одлука.
„За ваков тип на кадровски прашања не е разговарано на отворена седница на Владата“, велат од Влада.
Од МНР не добивме конкретни одговори за дипломатските способности на Брајковска, која ќе ја претставува државата во Австралија. Министерството за надворешни работи ни го цитираше Законот за надворешни работи и одредбите во кои се утврдуваат условите за именување амбасадори и генерални конзули.
„Да не е осуден за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку 6 месеци, за кривични дела поврзани со службени должности или за други кривични дела кои го прават неподобен за генерален конзул“, велат од Министерство за надворешни работи.
Синдикатот на МНР денеска реагираше за именувањето на Мухаби Синани за генерален конзул во Њујорк. Според синдикатот, Синани кој од скоро е вработен во МНР од приватна фирма не ги исполнува условите за упатување во странство.
Синдикатот го обвинува министерот за надворешни работи дека ги наградува своите соработници со позиции во дипломатските претставништва. Според нивни информации, за местото амбасадор во Будимпешта, Османи ќе го предложи поранешниот претседател на Антикорупциската комисија Илми Селами.
„Имаме информации дека Илми Селами од Чаир се подготвува за амбасадор во Будимпешта како награда за зголемување на рејтингот на Османи во Чаир“, реагираа од Синдикат на МНР.
Практиката на назначување генерални и почесни конзули беше алармантна и пред неколку години, кога на високи дипломатски позиции во земјите членки на ЕУ и пошироко беа именувани луѓе без дипломатско искуство./Алсат.мк
Адријан Керими