Синдикатите ѝ доставија на Владата модели за корекција на платите

Синдикатите ѝ доставија на Владата неколку модели за корекција на платите на избраните и именувани функционери. Со нивните предлози, политичарите би имале сериозно намалување на сегашната плата која им беше зголемена за 78 отсто, а сите останати би добиле пристојна плата за достоинствен живот. Од Сојузот на синдикати на Македонија за Алсат велат дека нивните предлози ќе се најдат и на владиниот Економско-социјален совет в понеделник.
„Нашиот предлог се темели на тоа, платите на функционерите да се множат од 2.20 коефициент до 4.50 на претседателот на државата, а платите на работниците да се множат до 2.20 од просечната плата. Тоа би значело големо зголемување на платите во државата или еден полициски службеник би добил околу осум илјади денари зголемување на платата“, рече Слободан Трендафилов, ССМ.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека мора да има иста пресметка на платите, како за службениците, така и за функционерите. Нивниот план е да се пресметува висината на минималната плата по коефициент на сложеност и тој да важи за сите вработени во јавниот сектор.
„На пример, минималната плата во овој момент 20.175 денари, а просечната плата е околу 34 илјади. Тоа значи дека разликата е околу 14 илјади денари. Ако е коефициентот од еден до два на 14 илјади, за толку би им се намалиле платите на функционерите? Ако на пример претседателот има коефициент 5, би се намалила платата во оние рамки коишто би била нормална“, Благоја Ралповски, КСС.
Реакциите на јавноста не запираат по одлуката на Уставниот суд да укине член на закон, по што на избраните и именувани функционери платите им се зголемија за цели 78 отсто. Тоа се случува во време кога синдикатите со месеци протестираат за усогласување на платите на работниците за само 2.000 денари. За тој случај, од власта им велеа дека нема пари во буџетот, но пари веднаш се најдоа кога високите функционери од вчера добија месечни приходи кои во некои случаи надминуваат и 2.000 евра.
Иле Петревски