Синдикатот бара измена на Законот за мобинг

Измените на Законот за заштита од вознемирување на работното место или носењето на нов закон останува отворено прашање иако иницијативата за измени е започната уште пред три години.
Од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА велат дека постапката за анализа на потребата од изготвување на нов закон е почната и е формирана работна група, но досега никој не ги повикал.
– Практиката покажа дека законските решенија не обезбедија задоволителна правна рамка за ефикасна заштита од вознемирување на работното место. Од тие причини пред три години се започна со постапка за анализа на потребата од изготвување на нов закон, ССМ има свој претставник во работната група, но од непознати причини веќе цела година работната група не е повикана да го даде своето мислење и да продолжи со работа, нагласуваат од ССМ.
Посочуваат дека имплементацијата на Законот донесен во 2013 година покажала оти има потреба од подобрување на одредбите и негово усогласување со меѓународните трудови стандарди.