Синдикатот и експертите против зголемување на границата за пензионирање, од Владата велат не се размислува за такво нешто

Предлогот на Фискалниот совет да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години предизвика реакции во јавноста. Од Сојузот на синдикати на Македонија го оценија ваквиот предлог како сериозно загрижувачки и наместо тоа побараа сериозни политики за зголемување на вработувањето на младите и мерки за пристојна работа со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди. Од Владата, пак, велат дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање и дека се прават напори за стабилизирање на состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
– Ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент она што го направивме е усогласување со покачувањето на пензиите од 5000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по којшто се работи. Како што гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот, изјави вчера портпаролката на Владата, Марија Митева.