Сите албански партии, освен ДУИ, бараат повлекување од „Отворен Балкан“

Албанската опозиција останува остро против иницијативата Отворен Балкан, која во моментов, како што велат, ја поддржуваат само Србија и Владата на Македонија. Од Движењето БЕСА велат дека Отворен Балкан не е ништо повеќе од ставање на Албанците под канџите на Србија и Русија.
„Движењето Беса бара од криминалната и коруптивна Влада да се откаже од проектот Отворен Балкан, особено кога Косово е оставено настрана од оваа иницијатива. Заедничките проекти се реализираат само со добрососедство, засновано на меѓусебно признавање, а никако со вршење на злосторства врз народот на кој сè уште не му побарале прошка, па дури и сè уште нема чин на одговорност ниту од меѓународниот фактор. Сите проекти кои ги нарушуваат интересите на кој било народ, особено на Косово во оваа ситуација, остануваат неприфатливи“, вели Абдуш Демири- БЕСА.
Изет Меџити вели дека Отворен Балкан од почетокот бил неуспешен процес бидејќи сите проблеми на Балканот го носат печатот на Србија и Вучиќ.
„За среќа г-н Рама со задоцнување го сфати тоа и се повлече од Отворен Балкан, враќајќи се на Берлинскиот процес кој сите силно го поддржуваат, но се поставува прашањето зошто ДУИ останува единствениот партнер со Србија и со Ковачевски кој сака Отворен Балкан да преживее? За ова одговор треба да дадат тие. Не ми се допадна што по повлекувањето на г-н Рама, вчера и завчера, сè уште функционерите на ДУИ заедно со експонентите на Вучиќ промовираат проекти на Отворен Балкан“, рече Изет Меџити, иницијатор на новото политичко движење.
Против Отворен Балкан пред неколку дена излезе и првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари кој оваа иницијатива ја нарече прекинат механизам кој треба да се напушти.
„Со излегувањето на Република Албанија од Отворен Балкан, овој механизам нема ниту значење, ниту легитимитет. Двојните и неинклузивни механизми кои создаваат Западен Балкан со две брзини, не му помагаат на интегративниот дух во регионот“, рече Таравари.
Пред неколку дена, во Прешево близу границата на Македонија и Србија премиерите Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ изјавија дека Отворен Балкан има светла иднина и најавија многу заеднички проекти. Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, промовирајќи го проектот за заеднички електронски систем за плаќање на патарините во двете држави, рече дека оваа иницијатива е за доброто на граѓаните, па таа изјава поттикна реакции на социјалните мрежи.
Мефаил Исмаили