Сите признаваат дека имаме корупција, но никој не презема ништо за да ја искорени

Сите признаваат дека има корупција, но никој не презема ништо сериозно за да ја искорени. И новата стратегија за борба против корупцијата изготвена од релевантните државни институции најверојатно ќе остане на хартија како и сегашното законодавство. Од Судскиот совет велат дека граѓаните треба да пријавуваа корупција, додека од Советот на обвинители велат дека Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција треба да ја заврши работата. Новоизбраниот прв човек на Судскиот совет, Весна Дамева, признава дека досега Судскиот совет донел само една одлука за разрешување на судија поради корупција, а во случајот доказите биле прибавени од граѓани.
Од Институтот за европска политика нагласуваат дека генерална оценка за досегашната стратегија е оти планираните мерки се делумно спроведени, но има уште многу чекори за исполнување на стратешките цели на државата.
Првиот човек на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, тврди дека обвинителите се бореле против корупцијата, но нетранспарентноста ги спречувала да ги истакнат своите успеси. За лошите резултати Јолевски тврди дека причина било тоа што немале доволно обвинители. Призна дека има проблем со корупцијата, но се надева на новоизбраниот прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази. Но, токму начинот како тој седна во оваа фотелја наиде на големи критики од меѓународната заедница.
Аднан Ќаили