
Сивата економија е на ниво од 33,2 отсто од домашниот бруто-производ (бдп), односно, ако се земат податоците за нивото на бдп во 2022 година, таа изнесува фантастични 4,28 милијарди евра. Во студијата која денеска беше презентирана во Стопанската комора пишува дека меѓу главните фактори за развојот на сивата економија е неплаќањето даноци и социјални приходи, а е силно поврзана и со корупцијата, која извира меѓу поединци во државните институции и приватните бизниси.
Експертите по фискални политики велат дека сите неплатени даноци стануваат извор на сивата економија и апелираат граѓаните да бидат свесни за важноста да ја земат фискалната сметка за производи и за услугите што ги купуваат. Меѓу приватните субјекти кои се помалку контролирани се зелените пазари, додека фискалната евазија во голема мера е нагласена и кај малите и кај средните компании.
За споредба, во земјите од Западен Балкан процентот е речиси сличен, додека во 27-те земји на ЕУ, сивата економија се проценува на околу 17% од нивниот бруто домашен производ.
Аднан Ќаили