СКАНДАЛ – Дошла да му помогне на внучето, ама ја натепал скопски јавен обвинител!

Обвинител од скопското обвинителство физички нападнал жена на 40 годишна возраст. Немилиот настан се случил во средата околу 10 часот навечер, кога во земјава стапи во сила полицискиот час. Сè започнало откако скопјанката прво добила повик од социјални работници дека нејзиниот малолетен внук е оставен сам дома без надзор од родител. Мајката била почината, а таткото го немало. Таа веднаш отишла да го земе детето. Му се јавила на таткото, кој во меѓувреме се вратил дома. Но, тој повикал двајца адвокати, а најверојатно во приватно својство пристигнал и обвинителот.
„Според пријавителката, М.М. најпрвин започнал вербална расправија со неа, по што физички ја нападнал и ѝ се заканувал нејзе и на нејзиниот сопруг. Со лицата бил извршен разговор во полициска станица“, информираат од МВР.
Алсат дознава дека истепаната жена по нападот заминала во болница. Лекарите ѝ констатирале повреди. Кога завршила со прегледите, уплашена од заканите кои ѝ ги упатил обвинителот нејзе и на нејзиното семејство, случајот го пријавила во полиција во еден часот по полноќ. Настанот денеска ни го потврди и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Скопје. Од таму за Алсат посочија дека решиле да ѝ се јават на тетката откако добиле анонимна пријава дека малолетното дете е оставено само дома. Ја викнале неа како еден од најблиските роднини, за да не се појават со полиција, бидејќи оцениле дека тоа дополнително би направило стрес врз детето. Социјалните работници веќе разговарале со него.
„Стручен тим постапува по добиените сознанија за случајот и презема мерки и активности за заштита на детето“, соопштија од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје.
Прашавме во обвинителството дали до нив можеби веќе е пристигната некаква пријава од полицијата за насилниот обвинител?
„До Основното јавно обвинтиелство Скопје до овој момент не е пристигнато ниту известување од Министерството за внатрешни работи, ниту кривична пријава за настанот за кој покажувате интерес. Доколку пристигнат, Обвинителството ќе постапи согласно Законот за кривична постапка“, рекоа од ОЈО.
Во Законот за јавно обвинителство пропишани се два вида на дисциплински постапки за обвинител – тешка и лесна. Минималната евентуална казна би била опомена и намалување на плата, а максималната – разрешување од функцијата.
Бојан Стојановски