Скопјани со месеци трпат од кавгите за автобуски превоз
Скопјани со месеци трпат од кавгите за автобуски превоз

Приватните автобуски превозници никако да добијат средба со премиерот. Но, според Владата, тој воопшто и не планира датум за средба, затоа што чека прво Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие да излезат со став за ревизискиот извештај.
„Владата продолжува да го поддржува решавањето на проблемот со приватните превозници во Скопје. Очекуваме Управниот одбор на ЈСП и службите на Град Скопје, како надлежни за случајот, да се изјаснат по извештајот на Управата за јавни приходи. На овој начин ќе има основа за суштинска дискусија на средбата што ја најави премиерот Ковачевски. Очекуваме дека ова ќе придонесе за побрзо решавање на проблемот“, велат од Влада.
Градоначалничката Арсовска во последно време не се ни појавува често во јавноста. Одржа една прес-конференција пред два дена, но не кажа ништо за извештајот на УЈП. На новинарите им порача прашањата да ги испратат преку електронска пошта, но таму службите не даваат одговори. Во меѓувреме, никој не се јави на оглас на Градот за неколку приватни автобуски линии.
„Слобода превоз“ и „Макекпрес“ ги повлекоа автобусите од булеварите, бидејќи премиерот јавно им вети средба по завршувањето на ревизорскиот извештај од УЈП. Откако се повлечени, некои линии воопшто немаат автобуси, како линијата број 45, а некои други, наместо со 10, сообраќаат со по само два автобуса. Колатерална штета во целата ситуација се граѓаните.
Еви Шкопи