Скопје блокирано, градоначалничката одбива разговори со превозниците
Скопје блокирано, градоначалничката одбива разговори со превозниците

Поради игнорирање и немање среба со градоначалничката на Град Скопје, превозниците чекаат решение од Владата за долгот од околу 2 милиони евра. Тие и понатаму остануваат 24 часа на улицата „Илинденска“ пред Град Скопје, и велат дека доколку премиерот не интервенира за изнаоѓање решение, протестите може да се радикализираат. Велат дека нема да се пријават на огласот на Град Скопје.
“Објавен е оглас за 20 автобуси, а има повеќе од 200 автобуси. Што ќе биде со нашите колеги? Значи ако јас одам, тогаш сум предавник, тоа значи јас да работам а другите да останат без работа“, рече Исен Халили, приватен превозник.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека се подготвени да помогнат, но не и да ги преземат ингеренциите на Град Скопје.
“Одземањето надлежности значи враќање 20 години назад. Апелираме да бидат разумни, апелираме дека никој нема да е оштетен од разговори. Секако, Град Скопје има свои аргументи затоа што смета дека се изманипулирани и дека се уценети, а превозниците имаат свои аргументи. Добро е што едно од здруженијата се повлече од протестите и мислам дека тоа е чекор кон изнаоѓање решение“, изјави Фартмир Битиќи, вицепремиер.
Приватните превозници денеска ги посети претседателот на Алијанса, Арбен Таравари. Тој рече дека чувствува одговорност што ја поддржал Арсовска на локалните избори, но додава дека не знаеле дека е таков човек. Таравари ја повика Арсовска да се сретне со превозниците за да се најде решение.
“Мислам дека е многу некоректно однесување од страна на градоначалничката на град Скопје. Таа треба да контактира, да седне со нив да разговара и да најде некое решение. Со ваква неодговорност од нејзина страна, мислам дека превозниците имаат право на барањето. Еевентуално треба да и се одземат ингеренциите и Владата понатаму да се занимава со оваа работа“, нагласи Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Град Скопје и денеска не излезе со конкретни информации како планираат да го решат проблемот со долгот од околу два милиони евра и за прекин на протестот за превозниците. Тие исто така не соопштуваат детали дали приватните превозници се пријавиле во огласот на Град Скопје./Alsat.mk
Мефаил Исмаили