Скопје филм студио ќе ги организира прославите за сите државни празници – за 500 000 евра

Одбележувањето празници со високи цени од страна на Владата не престанува. За организација на преостанатите четири празници за годинава, како и за настан за „Отворен Балкан“, Владата ќе плати околу половина милион евра на компанијата „Скопје филм студио“. За ова сведочи договорот што е објавен на Бирото за јавни набавки.
Како што стои во договорот, станува збор за празниците:
2 август – Ден на Републиката,
8 септември – Ден на независноста,
11 Октомври – Ден на народното востание и
8 декември – Ден на Свети Климент Охридски
Во договорот стои дека „Скопје филм студио“ ќе добие околу 350.000 евра за „проектирање и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“ на овие четири празници, додека за настан поврзан со регионалната, иницијатива „Отворен Балкан“, споменатото студио ќе добие уште 150 илјади евра.
На огласот за оваа јавна набавка нема друг понудувач.
„Скопје филм студио“ годинава го организираше одбележувањето на 24 мај – денот на браќата Свети Кирил и Методиј за речиси 150 илјади евра.
Минатата година „Скопје филм студио“ го доби владиниот тендер за околу 60.000 евра за „Услуги за креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на манифестацијата за одбележување на „8 Септември“ Денот на независноста.
Мефаил Исмаили