ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Скопје и Софија одделно за светите Кирил и Методиј

И покрај тоа што текстот за заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј, македонските и бугарските историчари го усогласија уште во 2018-тата година, двете државни делегации празникот во Рим деновиве го одбележуваат одделно. Ко-претседателот на Мешовитата комисија од бугарска страна, денеска за првпат сподели како е формулиран текстот за кој веќе е постигнато решение.

„Ова е еден од малкуте успеси во нашата работа, односно постигнавме согласност со нашите колеги дека кога зборуваме за светите браќа е многу важно да се подвлече улогата на бугарската држава и нејзините владетели, царевите Борис и Симеон, за зачувувањето и развојот на создаденото од светите браќа, како и литературата и христијанската култура“, изјави Ангел Димитров – бугарски историчар.

Македонските историчари претходно истакнаа дека задача на Владата и МНР е да ги објави текстовите за заедничко чествување на личности за кои е постигнат договор. Сепак, иако текстот веќе одамна е усвоен и на владина седница, од Илинденска сè уште го немаат објавено јавно. Зошто овие текстови сè уште не се достапни за јавноста иако се утврдени пред веќе 4 години, од Владата ни рекоа одговори да бараме на друга адреса.

„Во врска со Вашите прашања Ве упатуваме на Министерството за надворешни работи, од каде директно ќе добиете одговор“, велат од Владата.

Алсат уште минатиот месец го постави ова прашање до МНР, но одговор од таму сè уште нема. Дури кај властите постои и разногласие кој е надлежен за објавување на договорените текстови. Вицепремиерот Маричиќ вели дека одговор треба да се бара од трето место.
Ако има резултати, зошто не се објават?

„Тоа ќе треба да разговарате со Комисијата“, одговори Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.

Досега во Ватикан, двете државни делегации заеднички ги чествуваа светите Кирил и Методиј, во 1999-тата година, како и во 2018-тата година, кога владите ги предводеа Бојко Борисов и Зоран Заев.
Инаку, покрај за Кирил и Методиј, заеднички текст за чествување историчарите постигнаа и за Свети Климент и Свети Наум, како и за Цар Самоил. Токму од бугарските историчари, македонската јавност се информираше дека во текстот се вели дека Цар Самоил е наследник на бугарската царска традиција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button