Скопски „водовод“ во финансиски бунар

Загуба на 60 проценти од произведената вода и долг од околу три милиони евра кон државата е состојбата на јавното претпријатие Водовод и канализација. Ревизорите констатирале низа неправилности во работата на скопски водовод. Многу домаќинства и фирми ги користат услугите, а за тоа немаат потпишано никаков договор.
„Водовод и канализација нема склучено договори со 89.634 корисници што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите. Најголемиот дел од корисниците со кои не е склучен договор, 97% се од категорија домаќинство, додека 3% се од категорија стопанство“, наведуваат од Државниот завод за ревизија.
Во претходните четири години се потрошиле осум милиони за нотари, адвокати и извршители и 380 илјади евра за судски трошоци за извршување на наплата на долгови од корисниците. Ревизорите во извештајот констатирале и низа неправилности во кадровските промени во претпријатието каде без јавен оглас биле донесени три решенија за избор на в.д директор.
Андреа Чобанова