
Следната недела ќе биде познато дали ќе има ограничување на маржите на основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Претставници на трговците и дистрибутерите денеска имаа средба во Министерството за економија и дале свои предлози кои дополнително ќе се анализираат.
– Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела, информираа од Министерството за економија и труд.
На состанокот присуствувале министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, неговиот заменик Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција.
По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.