ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Словенечката претседателка охрабрува промена на Уставот на Македонија

Словенија очекува процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија да продолжи без дополнителни одлагања, а пред тоа ќе треба да се смени Уставот, онака како што се согласија Скопје и Брисел. Ваков став денеска во Скопје искажа словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар, при нејзината официјална посета и средбата со Пендаровски. Таа нагласи дека за да продолжи европскиот пат за државава, неопходно е да се направи уште еден важен чекор во Скопје, односно да се донесат уставните измени.

Advertisements

„Битно е единството и стратешкото размислување дека треба да се оди пет-шест чекори напред, да се сфати што е добро за Македонија и македонскиот народ. Искрено посакувам да имате доволно политичка мудрост да го промените македонскиот Устав“, рече Наташа Пирц Мусар – претседателка на Словенија.

Пирц Мусар потсети дека и Словенците стравувале од губење на идентитетот и јазикот при нивната промена на Уставот пред зачленувањето во Унијата, но, како што вели, ништо од тоа не се случило. Словенија мораше да смени член од Уставот за да дозволи странци да може да купуваат недвижности во земјата.

Инаку, Словенија очекува да се смени начинот на одлучување во рамки на Европската Унија. Тоа, вели Мусар, би го олеснила зачленувањето на земјите од Западен Балкан.

„Словенија е една од оние седум држави кои сакаат некои прашања да не се решаваат со консензус, туку со мнозинство. Тоа се однесува и на процесот на проширување и тоа може да го олесни патот на било која држава која сака да влезе во Европската Унија. Одделните блокади внатре од ЕУ се понекогаш лоши одлуки“, додаде Пирц Мусар.

Покрај Словенија, ваквата иницијатива ја поддржуваат и Германија, Белгија, Холандија, Романија, Луксембург и Шпанија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button