
Во последните 24 часа во Словенија се потврдени рекордни 13 911 заразени со коронавирусот, а дури 75,5 отсто од тестовите биле позитивни, па Владата не размислува за олеснување на мерките во сè уште тешката епидемиолошка состојба, пренесува МИА.
„И покрај се поголемиот број заразени, бројот на хоспитализирани е стабилен, но со вакво големо присуство на вирусот кај населението очекуваме притисок врз одделенијата за интензивна нега. Затоа не размислуваме за дополнително олеснување на мерките, туку за излезна стратегија“, изјави инфектологот Матеја Логар, кој ја предводи владината експертска група за ковид-19.
Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 13 911 новозаразени со коронавирус од 18 428 ПЦР тестови, со 75,5 отсто позитивни, што е најголем број на заразени во еден ден од почетокот на пандемијата, соопшти Националниот институт за јавно здравје .
Дополнително, направени се над 73 000 брзи антигенски тестови, чии резултати сè уште не се објавени бидејќи позитивните резултати треба последователно да се потврдат со ПЦР тестирање.
Седумдневниот просек на заразени во еден ден со новиот резултати е зголемен на 9 991 случај, а 14-дневната инциденца на заразени на сто илјади жители на 5 335 инфекции.