Случај „Меѓународен сојуз“: Јавната седница на Апелација за жалбите одложена за јуни

Јавната седница на Апелацискиот суд Скопје за случајот „Меѓународен сојуз“, на која треба да се разгледуваат жалбите на странките во врска со првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, е презакажана за 5 јуни. Седницата првично беше закажана и требаше да се одржи вчера, но поради отсуство на првообвинетиот во случајот Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, доби нов термин.
Јовановски, кој со првостепената пресуда доби казна од девет години затвор за кривичните дела измама и перење пари, сè уште е во болница каде што закрепнува по хируршката интервенција на желудникот.
За одложувањето на јавната седница и новиот термин кога таа треба да се одржи денеска информираа од Апелацискиот суд Скопје.
Покрај отсуството на Јовановски, второстепениот суд вчера, исто така, констатирал и дека нема уредна достава на поканата за обвинетата Јасна Ерцеговиќ поради промена на адресата на живеење.