Случај „ТНТ“, во завршна фаза, се бара затвор за Груевски и Јанакиески
Случај „ТНТ“, во завршна фаза, се бара затвор за Груевски и Јанакиески

Случајот за уривањето на „Космос“ познат како „ТНТ“ влезе во завршница. Обвинителството бара затворски казни за обвинетите, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс – министерот за транспорт, Миле Јанакиески и за Тони Трајковски, кој беше градоначалник на Гази Баба. Обвинителот Бурим Рустеми го повлече дел од обвинението против Јанакиески со кое се гонеше за набавка на експлозив за уривањето на „Космос“. Според Рустеми, докажан бил и политички реваншизам од страна на Груевски кон газдата на Космос, Фијат Цаноски.
„Тој тоа го сторил исклучиво поради политичка одмазда и тоа го реализирал во координација со обвинетите Миле Јанакиески, Тони Трајковски и Елизабета Најдовска“, изјави Бурим Рустеми, обвинител.
Но, Јанакиески побара ослободителна или одбивателна пресуда. Ако има пресуда во „ТНТ“ тој вели дека државата ќе треба на Цаноски да му плати отштета меѓу 20 и 50 милиони евра, иако и самиот потоа на новата власт во општина Гази Баба ѝ потврдил дека ги немал платено сите комуналии за Космос, па со екс-градоначалникот, веројатно Борис Георгиевски, склучил договор да се доплатат.
„Во кој договор се најавува дека ќе бидеме осудени и дека Фијат Цаноски неплатените комуналии, за кои пред вас тврдеше дека се платени, ќе ги надомести од средства што ќе ги земе од буџетот на Република Македонија, преку оваа пресуда“, рече Миле Јанакиески, обвинет.
Адвокатот Мехмед Сефери кој по службена должност го брани Груевски побара ослободителна пресуда, бидејќи според него, тој не сторил никакво кривично дело. Судењето ќе продолжи утре, а обвинителот Рустеми сумата за барање отштета ја намали на 11 милиони евра.
Игор Стефановски