ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Слупчане: Ситуацијата е смирена по вчеаршниот протест

Слупчане: Ситуацијата е смирена по вчеаршниот протест

Ден по тензичната ситуација во Слупчане, Општина Липково, кога група жители го блокираа патот за да ги спречат екипите на ЕВН да ги изнесат броилата од нивните куќи, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека проблемот е решен. Според Бектеши, сите граѓани мора да си ги платат сметките за електрична енергија.

Advertisements

„Доколку има потреба да се помогне како министер, секако дека ќе се вклучам, не само за конкретниот случај туку секаде во Македонија. Ние сме тука да помогнеме доколку побараат наша помош. Но, кога станува збор за плаќање на енергија, секој жител кој се снабдува со струја има должност да го направи тоа, исто како и ЕВН која има должност да ја подобри мрежата за сите населени места и да има еднакви услови“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Претставникот на селото вели дека никој не е против законот, но пред да се донесат одлуки потребни се разговори.

„Апелирам до ЕВН да не ги гледаат како граѓани од втор ред, ние не сме против законот, ние сме за разговор. Синоќешниот протест беше едноставно револт, не направивме ништо, го изразивме нашето незадоволство од начинот на кој ЕВН се однесува кон нас“, рече Зекирија Шахини, претставник на селото.

Но, од ЕВН велат поинаку. Според ова претпријатие, обидот на дел од жителите, сами да се приклучат на трафостаницата, предизвикале голем дефект поради што без струја биле оставени повеќе села. Според ЕВН, селата Оризаре, Ваксинце и Лојане денеска се соочуваат со штети поради постапките на жителите на селото Слупчане.

„Вчера во доцните часови жители од Слупчан насилно и незаконски отворија голем објект на Електродистрибуција во обид да го вратат снабдувањето со електрична енергија во самото село. По ваквиот обид за самоволно диво приклучување, настанала голема грешка, која ги оставила соседните села без струја. Ваквите манипулации од непрофесионалци се крајно небезбедни и можат да имаат трагичен крај со фатални последици“, се вели во соопштението на ЕВН.

Денеска во Слупчане состојбата беше мирна. Дел од жителите се пожалија на штетата предизвикана од недостигот на струја.

„Се што имаше во фрижидерот се расипа“.

Колку ви се сметките?

„12 илјади, 10 илјади“.

Што трошите за тие 12 илјади денари?

„Ништо, фрижидер, замрзнувач и хидрофор, ништо друго, се грееме на дрва“.

„Сите работи што ги имаме внатре ќе ни се расипат. Ако не го пуштат во рок од еден ден, ќе биде катастрофа. Не плаќаат, ама народот нема со што да плати, пола село е невработено овде“.

Според компанијата ЕВН, кражбата на струја во липковското село Слупчане е 80%, а наплатата е само 20%.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button