СМО: Глобалните температури веројатно ќе го надминат прагот од 1,5 Целзиусови степени во следните 5 години

Глобалните температури веројатно ќе бидат повеќе од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа во следните пет години, предупредија научниците.
Откако рекордните температури во 2024 година го надминаа – барем привремено – прагот од 1,5 степени до кој земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување за да ги избегнат неговите најопасни влијанија, новите климатски предвидувања покажаа 86 проценти шанса дека во уште една година во следните пет ќе се случи истото.
Анализата на Светската метеоролошка организација (СМО) и британската Метеоролошка служба (Met Office) покажува 70 отсто шанса дека просечната глобална температура за пет години ќе биде повеќе од 1,5 степени над прединдустриските нивоа.
Постои 80 отсто шанса дека најмалку една година помеѓу 2025 и 2029 година ќе постави нов рекорд за глобални температури, покажува анализата.
И за прв пат, климатските модели покажаа дека постои можност просечната глобална температура на светот да надмине 2 степени над прединдустриските нивоа пред 2030 година, иако научниците кои стојат зад анализата рекоа дека тоа е „исклучително малку веројатно“, со околу само еден процент шанса тоа да се случи.
Научниците исто така предупредуваат дека северна Европа би можела да има многу влажни зими во следните пет години, што е една од клучните климатски опасности за регионот, носејќи со себе ризик од поплави.