Смогот нè отру, а државата сè уште нема акредитирана лабораторија за аерозагадување

Централната државна лабораторија за животна средина, која е дел од Министерството за екологија и натаму не е акредитирана за да го мери квалитетот на воздухот. За да може официјално да испорачува резултати, потребни се нови инструменти и обука на вработените. Еден од нив е во процедура да биде внесен во државава. Но, потоа ќе следува долга постапка за акредитирање.
„Филтрите од ПМ 10 честичките коишто ги мериме секојдневно како вкупни ПМ честички со тој инструмент ќе може да се одреди со нивнитот состав, не точно нивниот состав, туку потеклото на ПМ честичките. Дали потекнуваат на пример од дизел, дрва итн. Досега вакви анализи се правеле само надвор од државата.“
За лабораторијата годинава ќе се набавува и инструмент за да ги мери емисиите на отпадни гасови од стационарни извори, односно објекти. И за него ќе требаат обуки на вработените, но во оваа институција работат само 10 лица, некои од нив и пред пензионирање.
„За непречено да функционираме мислам дека потребни најмалку уште шест луѓе да бидат вработени и после со нив да се работи во обуки, да се обучуваат за да може да продолжаат непречено да работат на анализите.“
Централната лабораторијна во март доби седум акредитации. Шест за квалитет на водата и една за бучава. Тие анализи најмногу им користат на инспекторите за екологија кои можат да ги презентираат како докази пред суд. Но, таква можност инспекторите и понатаму ќе немаат кога е во прашање квалитетот на воздухот, сè додека лабораторијата од државата не добие акредитација за мерење на аерозагадувањето.
Igor Stefanovski