Снемало неколку милиони евра од буџетот за судството

Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава, пресметала дека од 2019 – та година буџетот на судската власт се намалувал. Според математиката на ЕУ, во документот навеле дека во последниве три години парите за правосудството се во минус од 8,3 проценти. Прашавме во Министерството за правда, на што се бележи овој пад на буџетски средства со кои располагаат судовите и обвинителствата низ Македонија? Одговорија дека во пресметката на ЕУ не влегле тужбите на судиите кои по судски пат си ги барале неисплатените надоместоци на плата.
„Судски буџет во 2019 во споредба со буџетот за 2020 година е поголем за околу 8% затоа што во судскиот буџет за 2019 година беа обезбедени дополнителни 120 милиони денари за исплата на надоместоци на судии кои имаа тужено и ги повлекоа тужбите, а со нив беше постигната спогодба за исплата на дополнителните надоместоци на плата. Со тоа се заштедија дополнителни судски трошоци кои би требало да бидат исплатени ако не беа постигнати спогодби и ако тужбите не беа повлечени. Така, во 2019 година беа обезбедени и исплатени дополнителни 120 милиони денари по овој основ и затоа таа сума од 120 милиони денари не е содржана во судскиот буџет за 2020 година“, наведоа од Министерството за правда.
Според Правда, судиите вонсудски од државната каса наплатиле близу два милиони евра по основ на неисплатени надоместоци или додатоци на плата. Податоците од буџетот покажуваат дека во 2019 – та година судската власт имала на располагање 33,4 милиони евра. Следната година имале 2,4 милиони евра помалку, но за годинава повторно им биле обезбедени повеќе пари, односно 35 милиони евра.
2019 – та година 33,4 милиони евра
2020 – та година 31 милион евра
2021 – ва година 35 милиони евра
Европската комисија во последниот извештај нотираше умерен напредок во сферата судство. Порача дека се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на планот и стратегијата за реформи во судството. Но, во исто време, потенцираше дека важен елемент е што дел од случаите за кои Специјалното обвинителство поднесе обвиненија, напредуваат и беше утврдена одговорност за сторителите.
Бојан Стојановски