Со 62 гласа „за“ Талат Џафери избран за претседател на Собранието


Alsat
21.08.2020 18:22
Со 62 гласа „за“, 43 „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласан старо – новиот претседател на Собранието, Талат Џафери. Пратениците на коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива не беа присутни за време на гласањето, додека од ВМРО ДПМНЕ ја напуштија салата веднаш штом гласањето заврши, за да не бидат дел од свечената церемонија.
Во своето обраќање откако беше избран за прв човек на Законодавниот дом, Џафери рече дека ќе биде претседател на сите пратеници, повикувајќи ги да бидат внимателни со зборовите што ќе ги кажат јавно. Тој им се заблагодари на здравствените работници кои се борат со пандемијата и најави дека парламентарна комуникација во иднина ќе се развие преку други форми.
„Претседателот на Собранието е претседател и за тие кои не го гласале, односно гласале против. Така да, мојата определба ќе биде конзистентна согласно претходниот избор во 2017 година и ќе бидат во функција на работата на Законодавниот дом на начин кој го бара Уставот и собранискиот Деловник“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.
За време на конститутивната седница, пратениците од опозицијата се спротивставија на предлогот на парламентарното мнозинство дека Џафери треба да продолжи да биде прв човек на Собранието наредните четири години. Од Алијанса за Албанците – Алтернатива, рекоа дека 1/3 од пратениците на ДУИ добиле мандати со украдени гласови и дека ДУИ е дел од „украдена демократија“.
„Не сакаме да станеме дел од срамната историја на Албанците да промовираме луѓе кои дошле со украдени гласови. Нема да дозволиме Албанците да се дамкосуваат со вакви дамки, затоа нема да учествуваме на точката кога ќе се избира спикер на Собранието“, рече Зејд Реџепи, АА- Алтернатива.
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ потсетија дека коалиционите партнери пред изборите меѓусебно се обвинија за криминал, лажен патриотизам и дека „не вредат пет пари“, истакнувајќи дека ова парламентарно мнозинство ќе биде најкратко во историјата на земјава и ќе заврши со улични протести. Но, СДСМ го предупредија ВМРО ДПМНЕ дека ќе бидат во опозиција долго време.
За време на денешната конститутивна седница беше изгласана Комисијата за мандати и именувања, чиј претседател ќе биде Костадин Костадинов и заменик претседателот, Мухамед Зеќири, двајцата пратеници на СДСМ. Ова го отвора патот за гласање на новата Влада, што се очекува да се одржи следната недела. Останува, сепак, да се види дали ДУИ ќе ги надмине внатрешните партиски препукувања околу поделбата на министерските места и дали поделбата на одговорностите ќе остане како што е решено на Генералниот совет на партијата или ќе има промени.
Анеса Салиху