Со нивото на Охридското езеро сè уште управуваат Тито и Енвер Хоџа

Со договор стар 66 години меѓу Македонија и Албанија сè уште се регулира испустот на вода од Охридското Езеро во Црни Дрим. На тој начин, рачно и со дрвени талпи, се обезбедува биолошки минимум во коритото на реката, но и заради потребите на хидро-енергетските системи за производство на струја. Експертите сметаат дека двете држави најитно треба да го ревидираат овој документ поради променетите економски, еколошки, политички и социјални услови.
„Она што ние сакаме да го видиме и некои чекори ги направивме околу обезбедување на прва средба, да почне комуникација меѓу нашата компанија која произведува хидро-енергија со водите од Охридското езеро преку Дрим со албанската компанија КЕШ за да почнат да се разменуваат информации, точни прецизни податоци и модели за користење на водите“, рече Дејан Пановски -експерт за води.
Треба да се промени и билатералниот Договор за заштита на Охридското езеро потпишан пред 20 години.
„Со нивото на езерото си играме веќе 70 години. Тоа е нешто што се случува и што веројатно ќе продолжи да се случува, но тоа треба ќе се направи со одржлив систем каде нема да се нарушат биодиверзитетот и сите други елементи кои го одржуваат Охридското езеро на ова ниво кое е сега“, додава Пановски.
Екологистите пак, велат дека голема закана е испуштањето на отпадни води од населените места во езерото.
„Испуштање на нетретирани отпадни води доведува до еутрификација и загадување на Охридското езеро, иако последните неколку години извршена е рехабилитација на колекторскиот систем, сепак во минтите 20 години и сега се издвојуваат минимални средства за заштита на најскапоцениот еко-систем во Македонија“, рече Ѓоко Зороски-екологист.
Присуството на фосфор мора да се намали за 50 проценти во следните години. Во спротивно, под влијание на климатските промени процесите на еутрификација, односно размножувањето на сè повеќе алги, ќе се забрзаат. Тоа ќе го намали квалитетот на водата. Дополнителен проблем што Македонија и Албанија би требало заедно да го решаваат со нов Договор е и масовната урбанизација на брегот.
Мики Трајковски