Со понудена гаранција од 11 милиони евра Мијалков на праг да излезе од Шутка

Adrian Kerimi
Апелациониот суд ја прифати финансиската гаранција од 11 милиони евра, и тој наместо притвор доби обврска за пријавување. На Мијалков му е одземен и пасошот и му е одредена мерка да нема право да бара нов документ. Вишото обвинителство се жалеше на решението на Апелација, но со решението на судечкиот совет не беше преиначена одлуката, туку беа воведени мерки за претпазливост со задолжително пријавување, одземање на патната исправа и финансиската гаранција. Ниту една друга мерка како набљудување, придружба или обезбедување не е изречена. Ваквата одлука на второстепениот суд предизвика реакција на министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој побара од судиите во случајот да и објаснат на јавноста врз основа на што ја засноваат ваквата одлука.
„Одлуката на Апелациониот суд за ослободување на Сашо Мијалков од притвор не ја намалува нарушената доверба на граѓаните во судовите. Мијалков беше лице со потенцијален ризик за бегство, како и причина за случувањата од кои се загрижи јавноста. Судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети треба да одговараат пред јавноста врз која основа донеле ваква одлука и во каква форма ќе преземат одговорност во случај Мијалков да избега.
На Мијалков му е одреден притвор за случајот „Трезор“ за кој е осуден на 8 години затвор и е во жалбена постапка. Истовремено, Мијалков е осуден на 12 години затвор за случајот „Таргет-Тврдина“, обвинет во случајот „Парцели Водно“, „Титаник 2“, осомничен во случајот „Империја“, а во случајот „Тортура”. е ослободен од кривичното дело. Ова е втор пат Мијалков да нуди финансиски гаранции откако претходно годинава понуди 10,8 милиони евра, гаранција која Обвинителството за организиран криминал и корупција ја прифати, а Кривичниот суд ја отфрли. Мијалков е во истражниот затвор Шутка од 26 февруари.