Со повеќе настани ќе се одбележат 79 години од депортацијата на македонските Евреи

Еврејската заедница во земјава и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) со повеќе комеморативни настани во Скопје, Битола и Штип, од денеска до 14 март ќе одбележат 79 години од холокаустот на 7144 македонски Евреи. Евреите на 11 март 1943 година биле собрани од нивните домови и потоа депортирани во логорот Треблинка.
Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија денеска од 19.30 часот ќе се одржи комеморативна вечер на која, како што најави Еврејската заедница, обраќања ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски и амбасадорите на Израел и САД во земјава, Симона Франкел и Кејт Мари Брнз, а видеообраќање ќе има и Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот еврејски комитет и претседател на Меѓународниот советодавен совет на ФХЕМ.
Комеморативните настани ќе продолжат утре, 11 март, кога делегации од Еврејската заедница, претставници на Владата, дипломатскиот кор, невладиниот сектор, пријатели на заедницата и граѓани ќе положат цвеќе пред Споменикот на 7144 македонски Евреи во некогашниот скопски Монопол, кој бил привремен концентрационен логор, и пред Споменикот на депортираните Евреи и Споменикот на паднатите борци во НОБ на Градските гробишта Бутел.
Централните комеморативни активности утре ќе завршат со прием кај градоначалничката на Скопје Данела Арсова.