Собрание, мнозинството ќе ја комплетира Комисијата за избори и именувања

Парламентарното мнозинство во обид за брзо комплетирање на составот на Комисијата за избори и именувања во Собранието. На вообичаената координација денеска, спикерот Талат Џафери ги информираше координаторите на пратеничките групи дека треба да ги достават своите предлози за испразнетите места на членовите на ова работно тело. Комисијата нема претседател и членови, а опозицијата треба да избере и двајца заменици. Оваа комисија е клучна за предлагање на имињата на пратениците кои би го надополниле составот на другите собраниски комисии кои со месеци имаат по неколку слободни места. Власта смета дека опозицијата нема да ги остави празни фотелјите.
„Се надевам дека овој пат тоа нема да се случи, но ако тие не дадат предлози ќе ги пополниме нашите места и нивните места ќе останат празни додека опозицијата не даде предлози бидејќи тие се нивни места. Според коефициентот се проверува и бројот на претседатели во работните тела и членовите во работните тела. Коефициентот се проверува според бројот на пратеници во пратеничките групи или оние кои не се организирани во пратенички групи“, изјави Јован Митрески, шеф на пратеничката група на СДСМ.
СДСМ не признава дека се почнати разговори за избор на нови судии на Уставниот суд, што се очекува да следува по деблокирањето на комисијата. Но, ВМРО-ДПМНЕ денеска ја бојкотираше координацијата во Собранието и нема да се врати додека не се слушне и нејзиниот став. Според нив, постојаното кршење на собраниските процедури за составот на Комисијата за избори и именувања, се прави со цел оваа комисија дополнително да се злоупотребува за партиски именувања.
„Дали ќе предложиме член или не, дали ќе го пополниме тоа место е помалку важно, но бидете сигурни дека јавноста ќе има сознанија за се што се случува во оваа комисија. Ветувам и вам и на јавноста дека ќе бидеме гласни и гласни и ќе разговараме за секој предлог што ќе биде доставен до таа комисија, без разлика дали за уставни судии или за второстепени комисии и каде и да има избори и именувања“, изјави Никола Мицевски, шеф на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
По неколкумесечна нефункционалност поради пандемијата, Собранието се соочи со предизвикот на нефункционалност поради комисиите. Некои места за членови и претседатели на комисии останаа празни бидејќи некои пратеници преминаа во локалната власт по локалните избори. /Алсат.мк
Фатлуме Дервиши