ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Собрание, почна финалната расправа за Буџетот 2022

Пратениците ја започнаа пленарната расправа по предлог-буџетот за следната година. Министерот за финансии Фатмир Бесими го претстави буџетот пред пратениците како документ во кои се вметнати сите приоритети на државата со кои, како што рече, ќе се обезбеди забрзан економски раст, плати и пензии за граѓаните.

Advertisements

„Она што е најважно во овој буџет се приоритетите како што е зелената агенда, инвестирање во инфраструктурата, социјалната кохезија, развоен буџет…“, рече Фатмир Бесими- Министер за финансии.

Но, опозицијата обвини дека во буџетот ни најмалку не се мислело за граѓаните, туку за личните интереси на луѓето од власта. Помош не е предвидена за граѓаните за да излезат од економската криза, обвинија од ВМРО.

„…Во овој буџет Владата не предвидела пари за справување со последиците од енергетската криза која долго време ја игнорираше пред да стане посериозна. Граѓаните се оставени сами на себе“, рече Бојан Стојановски- Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од албанската опозиција обвинија дека рекордното задолжување може да ја стави во опасност финансиската стабилност на државата.

„Во оваа држава никогаш не се реализира тоа што го пишува во буџетот. Секоја година има ребаланс на буџетот и не се реализираат капиталните инвестиции кои се значајни за државата…. Јавниот долг ќе биде на рекордно ниво и ќе биде на ниво од 700 милиони евра“, рече Халил Снопче, Алијанса за Албанците.

За буџетот на пленарка ќе се расправа во следните пет дена. За догодина Владата планира буџетскиот дефицит од над 500 милиони евра да го покрива со задолжување дома и во странство. Се најавува и издавање на т.н. зелени обврзници, односно ќе се позајмуваат пари за проекти во инфраструктурата и во обновливи извори на енергија.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button