Собранието годинава имало само 39 седници

Собранието ја завршува годината со неефикасна работа, со мал број комисиски и пленарни седници, со блокирани или воопшто не започнати седници, како и со неразгледани предлог-закони. Според извештајот што претседателот на Собранието, Талат Џафери им го достави на новинарите, Собранието во 2022 година одржало 39 седници за 88 дена.
Од собраниските комисии најмалку ефикасна е Комисијата за образование во која има 10 закони кои не се разгледани до крај. Следуваат Комисиите за здравство со девет неразгледани закони, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, комисијата за надворешна политика со осум недовршени закони и Комисијата за финансирање и буџет со седум. Законите зависат од работата на Комисиите, па не можеле да влезат на пленарни седници.
Спикерот Џафери смета дека излез од ваквите ситуации може да биде нов деловник за работа на Парламентот за кој тој верува дека би можел да биде изгласан до првата половина на следната година. Новиот пратенички состав би работел со него. Инаку, првата седница на Собранието во 2023 година е закажана за 10 јануари.
Мефаил Исмаили