
Собранието денеска ќе ја продолжи 51. седница на која меѓу точките на дневен ред се Предлог на закон за прогласување на Просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона, по скратена постапка – Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2024 година.
За законот за прогласување на просторот околу Собранието за безбедна зона, пратеникот Никола Мицески, во образложение на предлогот, вчера при утвртдување на дневниот ред на пленарната седница рече дека по подолг временски период и консултација со работната група, заедно со сите координатори на пратенички групи консензуално се договориле за поднесување на ова законско решение по скратена постапка.
-За прогласување на законот за просторот околу Собранието на РСМ за безбедносна зона, со што се уредува статусот, вкупната површина, границите на земјиштето, употребата, обезбедувањето, надзорот и уредувањето на имотоно правните прашања поврзани со просторот околу Собранието, прогласен за безбедносна зона имајќи во предвид дека во минатото поради атрактивноста на самиот простор имаше обиди за негово приватно уредување, односно влегување на приватен стопански субјект. Сметаме дека ова законско решение е исклучително важно со што се уредува безбедносната зона на самото Собрание, изјави Мицески, нагласувајќи дека нема да забрани собирање и изразување на разни протести или настани на булеварот пред Собранието.
Во Извештајот за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2024 година, објавен на собраниската веб-страна се посочува дека во текот на 2024 година, Советот во рамки на 39-те одржани седници извршила избор на судии и претседатели на судови, избор и разрешување на судии поротници, констатирал престанок на судиската функција, утврди нестручно и несовесно вршење на судиската функција со изрекување на дисциплински мерки, ги разгледал и оценил тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите, донел одлуки за времено упатување на судии од еден во друг суд, извршил работни посети во судовите со цел констатирање на одредени состојби и вршел и други работи во рамки на својата надлежност утврдени со закон.
-Оценската мисија на ЕУ во текот на 2024 година изготви извештај за функционирање на Судскиот совет на РСМ во кој извештај се дадени долгорочни, среднорочни и краткорочни препораки, а имплементацијата на краткорочните препораки за кои надлежен е Советот започна во 2024 година преку активностите кои ги спроведува Советот. А кои се нотирани во усвоениот Акциски план. Во текот на 2024 година приоритетни се активностите нотирани во Акцискиот план за имплементација и спроведување на препораките не ЕУ упатени до Судскиот совет на РСМ. Воедно, имајќи го предвид Извештајот на Оценската мисија и насоките и укажувањата во истиот, Судскиот совет во наредниот период ќе продолжи да се залага за заштита на интегритетот, независноста и професионалноста на судиите и на институциите и ќе се спротивставува на било какво внатрешно или надворешно влијание во работењето, се наведува во Извештајот.
Приоритет за Судскиот совет во текот на 2025 година, како што се нагласува во Извештајот, ќе биде натамошната реализација на препораките нотирани во Извештајот на Оценската мисија кои се дадени со цел за подобрување на постапката за избор, унапредувањето и одговорноста на судиите/претседателите на судовите и членовите на Советот, како и подобрувањето на транспарентноста, комуникацијата и управувањето со ресурси во Советот. Во таа насока, Советот посочува дека ќе продолжи со максимални заложби за доследна примена и постапување согласно законските одредби, следење на состојбите во судството и давање на нови предлози за подобрување на состојбите, следење на работата на судиите и претседателите на судовите, како и на самите судови, преземање дејствија во рамки на своите надлежности при детектирање на коруптивни дејствија во судството, а во таа насока и залагање за имплементација на донесената Програма и Акционен план за превенција и следење на корупцијата во судството 2022-2025 година.
Во Ивештајот се посочува дека една од основните заложби на Советот е финансиското одвојување на судската власт од другите власти, односно залагање за зголемување на процентот на Судскиот буџет во однос на Бруто домашниот производ од сегашните 0,3 проценти на годишно ниво на законските определени 0,8 проценти од Буџетот за судска власт.
На оваа седница треба да се разгледаат и Предлог на законот за ратификација на Договорот за Централноевропската програма за размена на универзитетски студии (ЦЕЕПУС IV), Предлог на законот за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност во прво читање, Предлог на законот за изменување на Законот за приватните агенции за вработување во прво читање и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавно здравје во прво читање. /MIA