ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Сопственикот на „Дурмо Турс“ смета дека само возачот ја знае вистината за несреќата кај „Ласкарци“

Сите поправки на автобусите на Дурмо Турс се вршеле во сервисот на станицата, каде за секое возило имало тетратка. Одговорно лице на сервисната гаража бил Ремзи Мифтари, но, тој не би можел да знае што е со некое возило, ако тоа не го пријави возачот. Секој професионален возач, бил должен да го провери возилото пред пат, изјави првообвинетиот Дурмиш Белули, на денешното рочиште за случајот Ласкарци.
Во своја одбрана, сопственикот на „Дурмо Турс“ Белули рече, дека на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа и дека за тоа не се чувствува виновен.
– Јас жалам и чувствувам тага за тоа што се случи. Што и да се случи со нас, тоа жртвите не ги враќа. Го повикувам единствениот учесник во сообраќајната несреќа – возачот Мануел Трифуновски да каже што се случило. Без оглед кој ќе одговара, да каже. Само тој ја знае вистината, другото се претпоставки, изјави Белули.
Тој посочи дека станицата за технички преглед функционирала исто како и сите други, дека имала две линии, една за патнички и една за автобуси и во неа работеле 15 лица, меѓу кои стручни лица контролори и машински инженери.
Во однос на обвинението за манипулаторот на брзина, Белули рече дека воопшто не знаел дека во автовусот има манипулатор и оти од тоа фирмата имала само штета.
Следното рочиште е закажано за 20 април.