Сослушано семејството на таткото на Вања, судењето продолжува на 20 ноември

Во Основниот кривичен суд Скопје во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска на предлог на Обвинителството беа сослушани родителите, сестрата и внукот на таткото на Вања.
На сослушувањето тие зборуваа за моментот кога дознале дека Вања ја нема и нејзината потрага. Тие зборуваа и за нивните семејни односи и материјалната состојба.
Зоран Ѓорчевски, татко на Александар, пред судот денеска изјави дека бил во постојан контакт со фамилијата, а за исчезнувањето на Вања дознал од неговата поранешна сопруга.
-Јас сум во постојан контакт со фамилијата, се јавив и мајка му на Сашо плачеше, ме извести дека ја нема Вања. Го побарав Александар да ми каже што треба, тој ми рече ја нема Вања. Се ставив на располагање што треба, во секое време, кажете каде да се вклучам, рече тој.
Дополни дека Александар го замолил да контактира со некои што би можеле да помогнат, при што се јавил кај негови пријатели во земјата и странство.
– Се јавував во Грција на деловен партнер да не има некои сознанија, рече тој.
Прашан дали го познава Гоце Трајковски, тој одговори дека биле кумови и дека во контакт со фамилијата разбрал дека и Гоце учествувал во истрагата.
Таткото на Александар сподели дека Александар работел, немал долгови и одамна имал зависност од која се излечил, а потоа стапил во брак.