ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

Состојбата на настраданите во пожарот хоспитализирани во Бугарија и Србија и натаму тешка, Таравари денеска ќе замине во Софија

Четиринаесетмина повредени од Кочани, кои се хоспитализирани во Бугарија, остануваат во тешка состојба со повеќе изгореници и вдишени жешки гасови, кои им нанеле тешки телесни повреди, информира БНТ.

Advertisements

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе замине во Бугарија за да ги посети згрижените пациенти.

Од „Пирогов“, каде што се лекуваат осуммина од повредените, информираат дека на луѓето ќе им биде потребна трансфузија на крв поради што болницата, заедно со бугарскиот Црвен крст и Националниот центар за трансфузиона хематологија, започнала крводарителска акција.

До крајот на неделата на паркингот на болницата „Пирогов“ во главниот град ќе има шатор на бугарскиот Црвен крст, каде што медицинските лица и волонтерите ќе ги пречекаат оние кои сакаат да даруваат крв за повредените млади.

И состојбата на настраданите во пожарот згрижени во Србија е тешка, но стабилна, јавува РТС. Синоќа на Ургентниот центар во Белград пристигнале уште осум пациенти тешко повредени. Сега во оваа медицинска установа се згрижени вкупно 17 пациенти.

Во Србија вкупно се згрижени 29 повредени во страшниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие се сместени во четири здравствени домови во Србија – во Воената болница и клинички центар во Ниш, во Белград во ВМА и во Ургентниот центар.

Сите имаат сериозни повреди опасни по живот, вели во изјава за РТС професор д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетскиот колеџ за медицина, додавајќи дека тројца од осумтемина се на респиратор.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button