
Помина премногу време од Дејтонскиот договор и ветувањето на лидерите на Европската унија во Солун дека ќе ја отворат вратата за Западен Балкан и сега е „време ЕУ да го забрза тоа“, соопшти во Будимпешта Парламентарното собрание на Советот на Европа. Резолуцијата, образложена од грчкиот пратеник Јоргос Папандреу и усвоена од Комитетот за политички прашања и демократија на СЕ, повика „ЕУ да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан со продолжување на преговорите со Србија и Црна Гора и започнување преговори за членство“ со Албанија и Северна Македонија, да ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина и да воведе безвизен режим за народот на Косово“.
Долгото време од неисполнетите ветувања на ЕУ, се наведува во документот, „предизвика разочарување, губење на надежта, поттикна етноцентрични аспирации и националистички копнежи, што ја уништи довербата во ЕУ кај јавноста во регионот и го отвори патот за други геополитички фактори“.
Пред пратениците на овој Комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа се обрати и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји.