
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе расправа за новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК). Во извештајот за периодот од 16 март до 15 септември 2022 година, кој на седницата ќе го презентира шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, Гутереш укажува на нестабилната ситуација на теренот, придружена со високи тензии и жестока реторика. Гутереш потсетува на ескалација на тензиите на 31 јули, кога Србите од северот на Косово поставија барикади на патиштата, незадоволни од одлуките на властите во Приштина за издавање документи за влез и излез и задолжителната пререгистрација на возилата на косовски регистарски таблички.