Спасовски: Безбедносни проверки за сите граѓани од Авганистан

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека безбедноста на македонските граѓани нема да биде во ниту еден момент загрозена со пристигнувањето на Авганистанци кои работеле во меѓународни организации и и во странски мисии.
Постои процедура за издавање на дозвола за привремен престој. Еден дел од процедурите е секако и правење на безбедносна проверка преку Агенцијата за национална безбедност, така што службите се во постојана комуникација со сите наши релевантни фактори во однос на тоа кои се луѓето коишто треба да пристигнат и апсолутно секој еден којшто претставува било каков ризик ние нема да дозволиме да биде на територијата на државата. Едноставно само луѓе кои се цивили коишто работеле во ваквите организации – изјави Оливер Спасовски, минситер за внатрешни работи.
Авганистанците ќе бидат прифатени и сместени во хотели. Ќе имаат дозвола за привремен престој од 90 дена.
Ги разгледуваме барањата коишто доаѓаат до нас. Со име, презиме, сите податоци за граѓанинот. Ние како МНР ги обработуваме, ги праќаме до МВР и службите за соодветно безбедносниот ветинг. За тие што ќе ги потврдиме во рамки на владината група, тогаш генералниот секретаријат, службата за општи и заеднички работи, ги прават соодветните приреми во однос на соби, хотели, каде што тие ќе бидат сместени. Значи, во тој дел ние сме спремни. Но, до пристигнување во Скопје ние немаме надлежност, освен дозволите што ги даваме за секој поединечен граѓанин – нагласи Бујар Османи, минситер за надворешни работи.
Министрите не може да кажат кога се очекува да пристигнат граѓаните на Авганистан – и велат дека тоа зависело поради ситуацијата на аеродромот во Кабул која постојано се менува. Сепак, дел од авганистанските граѓани кои се очекува да пристигнат во земјава веќе го имаат напуштено Кабул.
Игор Стефановски