Спасовски не се согласува со забелешките на Агелер за смртта на Вања

МВР постапи, но потребна е консолидација на системот на судење и одговорност, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прашањето да ја коментира изјавата на американската амбасадорка Ангела Агелер. Имено, таа рече дека системот не успеал да ја заштити 14 -годишната Вања. Спасовски одговорноста ја лоцираше кај обвинителството и судството.
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи
Двојното убиство, она на Вања Ѓорчевска и на пензионерот Панче Жежовски, Агелер вчера го нарече неуспех на институциите.
„Системот не успеа да го заштити тоа мало девојче. Тие се криминалци, тие се препознаени како криминалци, насилни криминалци кои не биле во затвор. Тие претходно не биле апсени и не биле затворани, не биле целосно гонети за нивните претходни кривични дела, не ја платиле цената на нивните дела и тоа го плати малото девојче, го плати Вања. Апсолутно е многу болно и не е време за политизација, но време е институциите во земјата да се погледнат со ладно срце и да се запрашаат – што повеќе можевме да направиме за да го заштитиме ова мало девојче и секое друго мало дете во оваа земја…“, вели Агелер.
Главниот осомничен за убиството на двете лица Љупчо Палевски – Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција. За него во земјава во минатото имало повеќе прекршочни пријави, но и кривична. Но, ниту за нив тој никогаш не бил осуден.
Фатлуме Дервиши