Спасовски: Во моментов нема индикација за нарушување на безбедноста во регионот

Во моментот двајцата оценивме дека немаме индикација за нарушување на безбедноста ниту во државите ниту во регионот, меѓутоа мора да останеме будни и сериозни во осуетување на било какви обиди за нарушување на безбедноста, вели за МИА министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски по средбата со министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос и додаде дека се договориле, на дневна основа, да разменуваат податоци и информации „кои можат заеднички да ни помогнат во зачувување на стабилноста и на мирот“.
Министерот Спасовски е во дводневна работна посета на Атина и на покана на грчкиот министер денеска ќе учествува на Министерска конференција во рамки на претседавањето на Грција со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во периодот 2021-2022 година.
Веднаш по синоќешната средба со Теодорикакос, во разговор со дописничката на МИА од Атина, Спасовски рече дека со грчкиот министер опфатиле низа теми меѓу кои и продлабочување на билатералната соработка во безбедносните прашања, миграцијата, руската агресија врз Украина, а откри дека Северна Македонија и Грција се во постапка на случување на два договора, но и дека утре во Скопје ќе се одржи состанок на директорите на полициите од целиот регион.