
Спасувачките тимови почнаа да пристигнуваат денеска во областа на Мјанмар најтешко погодена од разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 1.600 луѓе, нивните напори се отежнати од урнати мостови, пренатрупани патишта и лоша комуникација во земјата потресена од граѓанска војна, додека друг последователен потрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран.
Потресот е уште еден во низата по земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар во петокот, објави АП.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на вториот по големина град Мандалеј, чии жители поминале уште една ноќ на улица, или поради страв или поради тоа што останале без покрив над главата. Разорниот земјотрес беше почувствуван и во соседен Тајланд, каде загинаа најмалку 17 лица.
Локалните жители се загрижени дека последователните потреси би можеле дополнително да ослабат и да ги урнат зградите кои веќе биле оштетени при првиот, најсилен удар.