
Синоќа, некаде околу полноќ, поранешниот хрватски првак, Хајдук од Сплит, официјално го потврди трансферот на годината. Имено, Иван Ракитиќ е нов член на сплитскиот клуб и започна еуфоријата по еден од најголемите трансфери во историјата на ХНЛ.
„Со особено задоволство Хајдук може да потврди дека Иван Ракитиќ во наредната сезона ќе го носи белиот дрес.
Еден од најголемите играчи во историјата на хрватскиот фудбал, нешто пред полноќ го потпиша договорот со Хајдук, со важност до крајот на наредната сезона со опција за уште една година“, стои во соопштението на Хајдук.
Ракитиќ во Ал-Шабаб заработуваше 15 милиони евра по сезона, а договорот му траеше до крајот на јуни 2025 година. Сепак, тој реши предвреме да ја заврши авантурата во Саудиска Арабија, по само осум натпревари. Во Хајдук, секако, ќе мора да се согласи на значително пониски финансиски услови.
Ракитиќ во својата голема кариера настапуваше за Базел, Шалке 04, Барселона и Севиља, каде е клупска легенда. Тој собра 106 настапи и 15 гола за хрватската репрезентација и со неа освои сребро на Светското првенство во 2018 година. Сепак, никогаш не играше хрватскиот шампионат, со оглед на тоа дека е роден во Мелин, Швајцарија. /gol.mk