ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Спортската сала во Нико Нестор во Струга небезбедна и затворена од ДТИ

Државниот трудов инспекторат ја затвори спортската сала, која се наоѓа во склоп на Средното училиште Нико Нестор во Струга, поради небезбедност. Салата е запечатена, иако истата ја користат повеќе од 1500 ученици, како и шест спортски клубови. Ова доаѓа по неодамнешната несреќа во дискотеката во Кочани, во која животот го загубија 61 лице. Спортската сала е во лоша состојба со години, кровот прокиснува на повеќе места, па при врнежи од дожд, натпреварите и тренинзите се откажуваа,  бидејки беше ризично да се играат натпревари или тренира во услови, кога треба да се запалат и рефлекторите.

Advertisements

Државен инспекторат за труд:
„При извршениот инспекциски надзор се констатирани неправилности од кои се утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените во Средно Општинско Училиште НикоНестор, кои работните задачи ги извршуваат во спортската сала, па согласно Законот за безбедност и здравје при работа издаде решение забрана за користење на салата, за вршење работни задачи, спроведување настава, спорт и спортски активност, со рок до отстранување на неправилностите“.

За утврдените неправилности известени се и Државен просветен инспекторат, Опшината Струга, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи. Но директорката на Нико Нестор, Кети Јанкоска, не сакаше да даде изјава. Нејзиниот одговор беше „Јас одлучувам за кого ќе давам изјави“, и покрај тоа што неколку години раководи со училиштето, чии што ученици ја користат салата, но ниту еднаш досега не излезе јавно да зборува за проблемот.  А учениците велат дека не се чуствувале безбедни во салата.

„Во салата имавме страв да играме. Сме играле кошарка, фудбал. Стравот беше таму, но сега ќе треба да играме или во нашата нова сала или да ја реновираат. Се чека сега да има реновирање или ќе треба да одиме кај новата сала. Порано си одевме за последните часови, кога требаше да се пали струја, а сега незнам како е“, вели еден ученик.

Иако е во ваква состојба скоро една деценија, надлежните дури сега решија да ја затворат.

„Оваа спортска сала е во иста ваква состојба буквално, како што е денес е 7 години. Имаше ситни интервенции поправка на кровови, реконструкција на семафор, соблекувалната која ја користиме за кошарка машки и женски, ние ја саниравме пред три години со плочки. Но веројатно никој нема доволно средства или не сака да преземе одговорност да го решава тоа. На 7-8 места прокиснува кога се обилни дождови итие натпревари ги играме без користење на светло“, изјави Владимир Ѓоровиќ, тренер на женски кошаркарски клуб „Црн Дрим“.

Најголем проблем покрај условите е и сопствеништвото на истата. Корисници се повеќе субјекти, но со неа стопанисува Сојузот на спортови и средното училиште Нико Несто. Од Сојузот на спортови тврдат дека салата е безбедна, бидејки сите направени поправки досега биле извршени од стручни лилица. Велат дека  се уште не бил извршен ниту технички прием на салата.

„Таа не е ни доградена, а не е ни примена уште. Не е примена бидејки не е доградена, бидејки имаше судски спорови околу земјиштето. Салата е безбедна. Досега е безбедна затоа што сите спортски организации си имаат свои комисии дали може да се одржуваат таму натпревари“, рече Ристе Чуркоски, претседател на Сојуз на спортови.

Прашање: Дали вие како претседател на сојуз на спортови чуствувате одговорност доколку се случеше нешто и за условите во таа сала?

„Па нормално, но не се случи ништо и неможе да се случи“, вели Чуркоски.

Од она што може да се забележи, влезот во салата е толку тесен, што низ него едвај  неколку луѓе можат да поминат во ист момент. Во салата,  изградена 1983 година, нема ниту затоплување и топла вода. На повеќе места на паркетот има дупки, кои постојано се лепат. Картонски кутии се поставени во замена на корпи за отпадоци, а салата е полна и со појажини.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button