
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак во Брисел го пречека специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар и соопшти дека разговарале за моменталната состојба на дијалогот.
„Задоволство ми е да му посакам добредојде на мојот колега и добар пријател Габриел Ескобар во Брисел. Заедно со нашите тимови вчерашниот ден го поминавме во длабока дискусија за дијалогот, актуелната состојба и напредок, како и за други регионални прашања на Западен Балкан. Благодарен сум за исклучителната соработка“, напиша денеска Лајчак на својот профил на мрежата X.
Радио Слободна Европа, повикувајќи се на доверливи извори во Брисел, соопшти дека се очекува Лајчак и Ескобар во текот на неделава да ги посетат Белград и Приштина.
„Според нашите сознанија, посетата ќе се одржи во текот на оваа недела и има за цел уште еднаш да разговара со страните за да се изнајде решение за издавање на влезно-излезни документи за српските државјани кои доаѓаат во Косово“, наведе РСЕ.