Средба Шолц-Фредериксен, по коментарите на Трамп за Гренланд

Германскиот канцелар Олаф Шолц и данската премиерка Мете Фредериксен денеска се сретнаа да ја изразат својата солидарност откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно зборуваше за неговите планови за Гренланд.
Трамп изрази желба овој арктички остров, за кој се верува дека има големи неискористени резерви на минерали и нафта, да стане дел од САД.
Ниту Шолц, ниту Фредериксен, директно не го спомнаа Трамп или автономната данска територија во нивните изјави пред новинарите во Берлин, но Шолц, откако зборуваше за војната во Украина, нагласи дека „границите не смеат да се поместуваат со сила“, пренесува АФП.
Канцеларот рече дека „времето во кое живееме е предизвикувачко“ и бара силна Европа и НАТО, нагласувајќи дека „Данска и Германија се силни партнери и блиски пријатели“.
Тој додаде дека двете земји гледаат на светот на сличен начин.
„Свесни сме за важноста на безбедносната политика во денешно време и за вредноста што Европската Унија ја има за нас“, рече Шолц.
„Нашиот континент, Европа, е заснован на идејата дека соработката, а не конфликтот, ќе доведе до мир, напредок и просперитет и нека ја почитуваме таа идеја“, рече Фредериксен.
Трамп со години зборува за можен договор со Гренланд, а на новинарите во саботата им рече дека верува дека САД ќе го „добијат Гренланд“, објаснувајќи дека на неговата земја тоа и треба за „меѓународната безбедност“.