Средба со новиот спикер за да се одблокира изборот на член на ДИК

Шестмината пратеници на Европската сојуз за промени се сретнаа со новиот прв човек на Собранието за да побараат од него да ја одблокира процедурата за избор на нивни член на ДИК. Но, новиот спикер Јован Митревски е од СДСМ, исто како и претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска која е обвинета дека намерно ја блокирала постапката заедно со ДУИ и поранешниот прв човек на Собранието Талат Џафери.
„Не сум оптимист, но се трудиме да бидеме рационални како пратеничка група да му дадеме можност на претседателот на Собранието во наредните денови да најде решение иако сме свесни дека СДСМ беше дел од оваа блокада заедно со ДУИ во целиот овој процес, но едноставно како нов спикер има можност да се докаже дека нема да оди по патот на поранешниот претседател на Собранието“, вели Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса.
Велат дека местото во ДИК е за нивниот избраник Абдуш Демири. Другиот кандидат Зулфи Адили предложен од Европската демократска партија, според ЕСП, доаѓа од партија која веќе има преземено позиции на власт.
Од Алијанса за Албанците велат дека Беса може да бара место во ДИК само преку позициите резервирани за СДСМ затоа што на изборите се натпреварувале заедно.
„Ултиматумите на таканаречената опозиција почнаа да се претвораат во молитви упатени до претседателот на Собранието. Од бојкотот на парламентот преминаа во посета на собраниските канцеларии. Повторуваме, правото да се биде член на ДИК е право кое не зависи од добрите или лошите желби на претседателот на парламентот, кој и да е тој, туку тоа е право што се добива со гласот на народот на последните избори. А, народот на последните избори реши да го даде местото во ДИК на Алијанса за Албанците“, вели Аднан Незири, Алијанса за Албанците.
ДИК во моментов работи со шест члена, тројца од СДСМ, двајца од ВМРО-ДПМНЕ и еден од ДУИ. Местото кое до февруари му припаѓаше на АА сега останува празно.
Според Изборниот законик, во случај на промена на власта и опозиција во Собранието, составот на ДИК се усогласува со овие измени.
Фатлуме Дервиши