Средбата Мицкоски-Таравари во 17 часот, за премиерот постојат само две опции

Средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Арбен Тарвари околу актуелните политички случувања ќе биде денеска во 17 часот во рамки на Владата.
Премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Штип, рече дека на средба би сакал да слушне од Таравари за која опција е тој, порачувајќи дека „со или без господинот Таравари Владата е стабилна, цврста и со големо мнозинство“ и оти останува на него и неговите сопартијци да одлучат дали, како што рече „ќе одиме по патот на реформи и владеење на право, борба за праведно општество и институции кои функционираат или ќе се придружат и коалицираат со оние политички сили кои со години ја криминализираат и уништуваат државата“.
-Генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања во јавноста. По мене има, две опции за избор. Едната е оваа што ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа која што години наназад, повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна државата и граѓаните. Тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од господинот Таравари која опција за него е, бидејќи јас не гледам трета опција, изјави премиерот Мицкоски.