Средношколците од медицинското во Тетово на протест за стипендии

Родителите, заедно со професорите и учениците од средното медицинско училиште, денеска протестираа за да го изразат својот револт од недоделувањето стипендии за учениците од паралелките со дуалното образование во медицинските училишта.
„Протестираме затоа што нашите деца се дискриминирани поради средствата што треба да ги добијат паралелките за дуално образование. Од почетокот тие средства беа наменети за нашите деца, но сега не се“, велат родителите.
„Кога беше периодот на пријавување префериравме дуално образование бидејќи покрај теоретскиот ќе има повеќе практичен дел, а ни беше ветено и месечна исплата, но сега Министерството за образование не ни ја дава истата“, вели една ученичка.
Директорот на училиштето, Бинас Пајазити, вели дека на барање на МОН, тие аплицирале за паралелки со дуално образование.
„Без да ни даде никакво објаснување, на 18 октомври е објавен конкурсот за стипендии за дуалните паралели, а на него само пишува дека 1.500 се доделуваат за ученици од двојни паралели, освен за ученици од средните медицински училишта. Овој факт не изненади и родителите почнаа да реагираат“, вели Пајазити.
Министерот за образование вели дека стипендиите се за дефицитарните струки.
„Се прави општа анализа бидејќи унапредувањето на дуалното стручно образование е за дефицитарни насоки. Минатата учебна година имаше интерес, ние го поддржавме овој интерес, оние ученици со најдобри оценки секако се добитници на тие стипендии. Сега проверуваме колкава е импликацијата од буџетот за да можеме и нив да ги вклучиме“, вели министерот Шаќири.
Покрај од МОН, стипендија даваше и фирмата каде што учениците одат на практична работа.
Башким Сулејмани