ССК: Супермаркетите работат со ниски профити, добавувачите го диктираат ценовниот пазар

Потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците. Да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста.
Како што информира денеска Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), ова се дел од донесените заклучоците од направената анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира и од одржаниот состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери.
На состанокот, како што се наведува, беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локалните клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година.
– Бројките од анализата покажаа дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи, се вели во соопштението.