Становите на Мијалков ги купил Мијалков

Фирмата на Јордан Мијалков, Бест веј инвесмент, ги купи трите луксузни стана на Водно кои беа одземени од неговиот татко Сашо Мијалков во случајот ,,Империја”. Информацијата попладнево ја потврдија од Агенцијата за управување со одземен имот, споделувајќи дека нов сопственик на становите е „Бест веј инвесмент“. Оваа компанија пак веќе една деценија е на синот на Мијалков. Пред неколку месеци овој имот се продаде за вкупна цена од околу 330 илјади евра, но сопственикот не се откриваше. Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу денеска наведе дека тогаш ја немале информацијата за купувачот. Продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани. Директорот Небиу за ,,Фокус” изјави дека станува збор за парадоксална ситуација. „Законот спречува само осуденото лице да не учестувува на продажбата, но не и неговата фамилија. Ова е парадоксална ситуација, од таткото, становите да завршат кај синот“, изјави Небиу.