
Иако правилото – недела неработен ден требаше да биде реалност од стартот на 2022 година, денеска законот е половично во сила. Поради ненавремена достава до Службен весник, за вработените во секторот трговија законот стапува на сила утре на 3ти јануари. Но најголемиот дел од помалите но и од поголемите маркети денеска останаа затворени, иако имаа право да работат. Од оваа недела новите правила важат во угостителството и останатите сектори согласно Законот за работни односи. Екипата на Алсат излезе на терен со инспекторите за труд.
Посетивме неколку угостителски објекти во Дебар Маало и Старата скопска чаршија. Откако инспекторите им ја проверија документацијата кај дел утврдија и нерегуларности во работењето.
„Ние бевме тука во овој ресторан и вршевме надзор и констатиравме дека работодавачот не бил запознаен со измените на Законот за работни односи и не го известил инспекторатот за труд. Со колешката ќе го довршиме записникот и на работодавачот според законот за работни односи ќе му дадеме опомена“, изјави Љуљзим Фаризи, Државен инспекторат за труд.
За оние компании кои според законското решение немаат право да работат во недела а инспекторатот го утврдил спротивното и со тоа го прекршиле законот, им следуваат казни. На одговорното лице забрана за работа во 15 дена, а следниот пат, санкцијата се зголемува на 30 дена. Во однос на паричната казна таа е во зависност од големината на фирмата и се движи од речиси 200 до 1000 евра.
Работодавачот од сега има обврска, оние работници кои ќе ги ангажира во недела да бидат дежурни треба претходно да ги стави на список, а тој список најдоцна до сабота да го испрати до Инспекторатот за труд. На тој начин надлежните ќе имаат увид кои работници биле ангажирани во недела и дали тие добиле повисока дневница за својот ангажман.
Право да работат во недела имаат трговски центри, од 10 до 20 часот, а дневницата на вработените да им биде зголемена за 100 отсто. Во недела ќе работат и аптеките, бензинските пумпи производствот на леб но и сите останати дејности кај кои е невозможно да се прекине производствениот процес.
Иле Петревски